ТЕРА

REKLAMA???

Финансии, донации и кадровски промени на дневен ред на Советот денеска

Советот на општина Битола денеска ќе ја одржи седмата седница, на која пред советниците се најде обемен дневен ред со неколку важни финансиски документи, извештаи за работа, донации и проширување на буџетот.

Во фокусот на седницата се три клучни финансиски документи – кварталниот извештај за извршување на буџетот, завршната сметка за 2025 година и годишниот извештај на општината. Токму овие точки треба да дадат одговор како се трошеле јавните пари во изминатата година.  Сепак, искуството од претходните седници на новоизбраните  покажува дека ваквите извештаи често поминуваат без подлабока дебата, иако се работи за милионски средства од општинскиот буџет.

Покрај финансиските документи, Советот ќе расправа и за проширување на буџетот за 2026 година, но засега без јасни објаснувања колку средства се додаваат и за кои конкретни проекти ќе бидат наменети.

 

На дневниот ред се и повеќе одлуки за донации – од компании до институции, како и предлогот стариот музички механизам од Саат-кулата да биде дониран на Културно-информативниот центар. Од општината велат дека станува збор за културно наследство кое ќе биде зачувано, но останува дилемата дали и како ќе се обезбеди негово соодветно реставрирање.

Сепак, најголемиот дел од дневниот ред – повеќе од десет точки – се однесува на именувања и разрешувања во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија. „Водовод“, „Комуналец“, „Нискоградба“, „Пазари“,ќе добијат нови членови во управните структури. Досегашното искуство вели дека и овие дискусии се мали, иако треба да се зборува за тоа дали управувањето со јавните претпријатија се води според стручност и резултати или политички договор.

Во меѓувреме, граѓаните на Битола и понатаму се соочуваат со низа секојдневни проблеми – од комуналната хигиена и инфраструктурата до состојбата со јавните простори. Затоа, останува да се види дали утрешната седница ќе понуди конкретни решенија за овие прашања или повторно ќе се сведе на формално усвојување извештаи и кадровски ротации.

Седмата седница на Советот на општина Битола започнува во 10.00часот.