Силниот ветер што деновиве предизвика паѓање дрвја и кршење гранки во Битола повторно го наметнува прашањето за безбедноста од градското зеленило. Дрвја паѓаа врз автомобили, а за среќа, во инцидентот во населбата Ремо немаше потешки последици. Но, покрај штетите, останува и прашањето дали надлежните навреме препознаваат кои дрвја претставуваат опасност за граѓаните.

Битола има Зелен катастар, но не знае кое од дрвјата се 30,50 или 70 години стари, кои се потенцијална опасност при силни ветрови како оној од крајот на претходната работна недела. Нема ниту податок кое е најстарото дрво, ниту пак кое од дрвјата е на крајот од својот животен век.
Зелениот катастар се изработуваше во период од 2022 година до 2025 година: попишани се 36.480 растителми единки, од нив 9.772 се дрвја, 26.708 се грмушки. Градот има 67 различни видови, а најмногу има сребренолисна липа, па црн бор , па ситнолисна липа и гледич.

Но, и покрај напорот за евиденција на зелената база на градот, барем од прва неможе да се заклучи дека градот знае кои дрвја се потенцијална опасност. Имено, во анексот на четвртиот извештај, изработен во декември 2025 година,лани, во табелата со поединечни податоци за дрвјата има нивни број, координати каде се наоѓаат, латинското име на дрвото, пречникот, висината, ширината на крошната и дали има оштетување и искосеност. Дијаметарот во пречник може да биде еден од показателите за приближната старост на растението, велат експертите по Дендрологија,но , во ситуацијата нема конкретен јавно објавен подато за лесно следење на сосотјбата. Затоа што „растот на дрвјата зависи од видот ама и почвата на кои растат, липата на отворено може да е поголема и пораскошна и помлада отколку тие во градот.“ Нема јасно видлив податок ниту за состојбата на кореновиот систем, а во текот на тригодишното пребројување има многу мал број на регистрирани суви дрвја. Пописот на дрвјата, нивната поставеност не е исто што и стручна анализа на секое од дрвјата, не само за обезбедување на сообраќајот од дрвјата во дрворедите или граѓаните кои се движат во населбите, туку и за континуирано одржување на здраво јавно зеленило, велат познавачите.

Строгите критичари велат дека вистинската вредност на Зелениот катастар не е само во пребројување. А и во тој случај, би требало да има нови, актуелни податоци, кои ќе посочат како се упрвувало со зеленото природното богаство во градот.
Дополнителна слабост во управувањето со зелената инфраструктура нотира и Државниот завод за ревизија. Во извештајот за урбанистичкото планирање на зелената инфраструктура од 2025 година е констатирано дека „Општина Битола има изработено три извештаи за фактичката состојба на зеленилото, но инвентаризацијата не е претставена преку јавно достапна ГИС-апликација.“

А за граѓаните. За нив е важно да знаат дали дрвјата покрај улиците, во парковите и на јавните површини редовно се контролираат и дали постои систем за навремено откривање и отстранување на потенцијалните опасности. Ветрот од минатата недела покажа дека сезонското режење на дрвјата не е доволно.











