Во јавноста често се зборува за проблемите, долговите и нефункционалноста на јавните претпријатија. Но, бројките за ЈП Комуналец покажуваат и една поинаква слика за постепена финансиска консолидација и стабилизирање на претпријатието во изминатите години.
Според податоците од извештаите за пријавени обврски по субјекти доставени до Министерството за финансии, ЈП Комуналец заклучно со декември 2025 година има доспеани, а неплатени обврски во износ од 479.831 денари, што претставува историски најниско ниво во последните пет години, односно од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на локална власт во Битола кон крајот на 2021 година.
Бројките покажуваат интересен тренд. Во декември 2021 година долгот изнесувал 893 илјади денари, во 2022 пораснал на 1,4 милиони, а својот пик го достигнал во 2023 година со над 3,4 милиони денари доспеани, а неплатени обврски. Веќе во 2024 година следува намалување на 2,1 милион денари, за во 2025 година долгот да се сведе на помалку од половина милион денари.
Тоа практично значи дека за само две години, од пикот во 2023 до крајот на 2025 година, обврските се намалени за околу 86 проценти.
Во анализираниот период, со ЈП Комуналец Битола раководеа двајца директори. По локалните избори во 2021 година, функцијата в.д. директор ја извршуваше Гордана Наумовска, сè до јануари 2023 година. Од јануари 2023 година до денес, директор на претпријатието е Горан Степановски.
Во финансиската стабилизација на Комуналец, најголемо влијание има Општина Битола која му плаќа на јавното претпријатие за редица услуги. Така, според “Отворени финансии”, во текот на 2025 година Општина Битола реализирала десетици трансакции кон ЈП Комуналец“ во вкупен износ од околу 84 милиони денари, што укажува на континуирана институционална поддршка за функционирањето на претпријатието.
Сето ова го отвора суштинското прашање кое најмногу ги интересира граѓаните: Дали финансиски стабилен Комуналец конечно ќе значи и почист, поуреден и пофункционален град?
Битолчани со години наназад се соочуваат со проблеми со јавната хигиена, диви депонии, запуштени зелени површини и недоволно одржување на јавниот простор. Токму затоа, по финансиското стабилизирање на претпријатието, очекувањата на јавноста се логични – конечно да се почувствуваат резултатите и на терен.











