За 57 години би можела да исчезне последната женка-желка на Голем град во Преспа. За ова пишува и угледниот Њујорк Тајмс.
Вниманието на овој врвен американски медиум го привлече новиот научен труд на херпетологот д-р Драган Арсовски, објавен во реномираното списание “Ecology Letters”.
Врз основа на наодите на овој македонски научник Њујорк Тајмс објави напис за необичното однесување и отворените прашања поврзани со потеклото и иднината на желките од островот Голем Град во Преспанското Езеро.
Сторијата појаснува дека на островот живеат околу 1000 шумски желки, што е исклучително густа и навидум просперитетна популација. Меѓутоа, зад оваа бројност се крие сериозен проблем: половата структура е драматично нарушена. На секоја возрасна женка има по 19 мажјаци.
Вистинските причини или комбинација на фактори што довеле до оваа ситуација сè уште се нејасни. Сепак, доколку ваквиот популациски тренд продолжи, моделите сугерираат дека последната женка-желка на Голем Град би можела да исчезне за 57 години односно до 2083 година. Ова прашање е нераскинливо поврзано и со уште една енигма: како овие желки воопшто се нашле на островот, имајќи предвид дека не се способни да го препливаат езерото.
Една од теориите е дека желките се донесени од страна на луѓето, и тоа во нееднаков полов сооднос. Тие се способни да живеат околу еден век доколку условите се поволни.
Што точно се случило засега нема конечен одговор. Но, она што е сигурно е дека мистеријата за желките од Голем Град ќе продолжат да го привлекуваат вниманието на научната и светската јавност.

















