Ајварот и зимницата се дел од есенската традиција во Битола и Пелагонија. Но, дали таа традиција полека исчезнува? Во анкетата на ТЕРА, повеќе од половина од испитаниците велат дека годинава нема да прават зимница, а само една третина ќе продолжат по старо. Што стои зад овие бројки – помалку време, повеќе трошоци или едноставно промена на навиките? И дали со зимницата исчезнува и еден дел од семејната традиција? Прашања кои треба да ги анализираат и социолозите и психолозите и антрополозите.
Резултатите од анкетата покажуваат дека и во нашата средина традицијата на правење ајвар и зимница се менува.

51,01% од испитаниците велат дека нема да прават зимница, 34,85% ќе ја продолжат традицијата, а 14,14% сè уште не одлучиле.
Во Битола и Пелагонија, каде подготовката на зимница традиционално е поврзана со есенската берба, семејното собирање и снабдувањето за зимата, овие бројки отвораат интересно прашање: дали исчезнува традицијата или само се приспособува на новото време?
Некогаш печењето пиперки, лупењето и подготовката на ајварот биле семејна работа во која учествувале неколку генерации. Денес, за многумина, таквиот процес значи многу време, физички труд и организација, а готовата зимница може да се купи во текот на целата година. Психолошки, одлуката „не“ не мора да значи отфрлање на традицијата. Некој може да го сака домашниот ајвар и да го поврзува со семејството, но да нема време или желба самиот да го подготвува. Затоа, одбивањето да се прави зимница не мора да значи и откажување од традицијата. Можно е да се менува начинот на кој таа се живее.
Кога семејството престанува да прави зимница, не исчезнува само еден начин на подготовка на храна. Се губи и еден облик на заедничко поминување време и пренесување знаење меѓу генерациите – велат антрополизите. Што подразбира дека исчезнува еден ритуал на заедништво врз кој се потпира идентитетот.
За Битола, каде домашниот ајвар и зимницата се дел од локалната гастрономска култура, вистинското прашање можеби не е дали ќе исчезнат, туку дали следните генерации ќе продолжат да ги подготвуваат сами или ќе ја наследат традицијата само како вкус и спомен од семејната трпеза.











