Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја запре истрагата за набавките на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, откако по едногодишна постапка не биле потврдени сомневањата за злоупотреби, незаконски договори и перење пари.
Во фокусот на истрагата беше компанијата „РКМ“, која го добила тендерот за набавка на мазут, како и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“ и син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски.
Со предметот беше опфатен и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство и се бара со меѓународна потерница во рамки на случајот „Адитив“.
Од обвинителството информираат дека во текот на истрагата била анализирана обемна документација, финансиски извештаи, договори, анекси, вештачења и сведочења од претставници на ЕСМ, ТЕЦ Неготино и компании кои во тој период имале лиценци за трговија со мазут.
Според обвинителството, постапките биле спроведувани согласно законските исклучоци предвидени во Законот за јавни набавки, поради прогласената енергетска криза и потребата од непречено производство на електрична енергија.
Од прибраните докази произлегло дека ЕСМ ги контактирало сите компании со лиценца за трговија со мазут, а дел од јавните повици биле објавувани и во дневни весници. Дел од компаниите, според нивните искази, не учествувале поради високите количини, банкарските гаранции и ризиците на тогашниот енергетски пазар.
Обвинителството наведува дека мазутот бил навремено испорачуван и дека во ниту еден момент не било доведено во прашање производството на електрична енергија. Во критичниот период немало рестрикции, а ТЕЦ Неготино овозможил производство на струја по пониски цени од тие на слободниот пазар.
Во истрагата не било утврдено ниту дека е предизвикана штета врз АД ЕСМ или државниот буџет. Според обвинителството, измените на плановите за јавни набавки и анексите на договорите биле донесени со одлуки на управните и надзорните органи на ЕСМ.
Во делот на сомневањата за перење пари, обвинителството оценило дека исплатените средства не претставуваат незаконски стекната имотна корист, поради што финансиските трансакции не можат да се третираат како перење пари.
Против одлуката за запирање на истрагата, оштетеното правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена од приемот на наредбата.












