Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе го има последниот збор во однос на одредување на цената на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи согласно став 5 од член 10 од Законот за енергетика бидејќи ќе прави надзор и ќе потврдува дали начинот на пресметка согласно тарифниот систем е направен коректно, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
По вчерашната објава на претседателот на РКЕ дека новата одлука за цената на струјата ќе ја одредува и кажува ЕВН Хоум, актуелниот универзален снабдувач, а РКЕ ќе ја контролира, Бектеши рече дека ингеренциите на ЕВН Хоум „се повеќе процедурални и технички“.
„Наместо пресметка да направи РКЕ тие ќе ги направат своите пресметки и ќе ги достават до РКЕ каде што тие треба да ги потврдат или, пак, може да ги одбијат“ рече Бектеши на новинарско прашање.
Посочи дека според Министерството за економија како надлежна институција за Законот за енергетика и толкување на неговите членови во случајов крајниот збор го има РКЕ.
Ако треба и писмено тоа ќе го направиме кон РКЕ бидејќи надзор за тоа како се применува Законот за енергетика прави Министерството за економија, забележа Бектеши.
Цената на електричната енергија, според него, нема да се зголеми, ниту во блоковите, ниту во целина.
„Моментно се прават анализи од РКЕ и надлежните институции, во делот на блоковите зашто сакаме што повеќе да ги заштитиме ранливите категории граѓани“, нагласи Бектеши.












