Владата ќе откупува македонско јаболко и ќе им го дава на учениците за ужинка. Владата на вчерашната седница ја усвои Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје во 2022 година. Програмата е нова, се носи прв пат и ќе овозможи околу 186 000 ученици во 350 школи за ужина да добиваат домашни, македонски јаболка.Како што соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, за реалзиација на Програмата се проектирани 20 милиони денари, средства кои се веќе обезбедени со ребалансот на Буџетот.

-Со Програмата се овозможува поддршка за откуп, дистрибуција и пакување јаболка од реколтата 2022, а целата откупена количина ќе треба да биде дистрибуирана до општинските и државните училишта најдоцна до 15 декември 2022. Со ова ги помагаме производителите на јаболка, но обезбедуваме и свежа и здрава ужина за нашите деца. Македонски, домашни јаболка за нашите деца, рече министерот за земјоделие Љупчо Николовски.
Министерот истакна дека храна ќе има.
-Леб, брашно, млеко и зејтин ќе има. Обезбедуваме доволно храна за сите граѓани, рече министерот за земјоделство Николовски.
На вчерашната владина седница како што кажа Николовски предложиле и биле усвоени нови мерки за поддршка на земјоделците. За млекопроизводителите се обезбедени уште 140 милиони денари преку Интервентниот фонд, покрај основните и дополнителните субвенции.
-Интервентната програма ја дополнуваме со нова мерка вредна над 140 милиони денари за финансиска поддршка на млекопроизводителите по литар произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко во домашни капацитети за период од 1 октомври 2021 година до 30 септември 2022 година.Целта на оваа интервентна мерка е поддршка во намалување на трошоците и на загубите кај млекопроизводителите, кои како резултат на светската криза, се јавија со последните поскапувања на репроматеријалите и сточната храна. Средствата за оваа мерка се веќе обезбедени преку ребалансот на буџетот.Млекопроизводителите ја имаат нашата поддршка. Платежната Агенција уште во јуни оваа година изврши исплата кон 10.277 млекопроизводители во висина од 76,3 милиони денари за предадено млеко во период од јануари и февруари 2021 година. Од страна на Платежната Агенција до министерството за финасии се поднесени налозите за исплата и на предаденото млеко за март, април и мај 2021 година, кон околу 6.000 корисници во вредност од 150 милиони денари.Преку програмата за рурален развој со мерката за набавка на високо педигриран добиток обезбедуваме поддршка кон сточарите за зголемување на сточниот фонд. За оваа мерка само оваа година склучивме 103 договори во вредност од 253 милони денари, преку кои го зголемуваме сточниот фонд за нови 3.842 грла високо педигриран добиток.Исто така преку Програмата за рурален развој оваа година обезбедивме поддршка на сточарите во изградба на мандри. Поддршка е во форма на кофинасирање до 75% од вкупната сума, односно до 600.000 денари по корисник, а аплицираа 8 апликанти, рече министерот.
Додаде дека согласно подготвената динамика веќе се реализирани исплатите на основните субвенциите кон сточарите по грло. Вкупно исплативме 670 милиони денари кон 20.261 сточар. Исплатени се субвенциите за обележани грла говеда, кози, овци, финасиска поддршка за огледани и заклани гоеници во регистрирани кланични капацитети и презимени пчелни семејства. До крајот на оваа година комплетно ги расчистуваме сите заостанати обврски кон земјоделците и започнуваме со авансна исплата на субвенциите, рече Николовски.












