Македонскиот, светски признат филмски класик, „Пред дождот“, на Милчо Манчевски, во чест на 30-годишнината од премиерата во 1994 година, изминатата недела беше прикажан во Сужу, Кина. Настанот беше организиран од Државниот филмски архив на Кина, а режисерот Манчевски се обрати до кинеската публика преку видео-порака, претставувајќи го филмот. „Пред дождот“ беше прикажан трипати во текот на три дена, проследено со панел-дискусии со реномирани кинески филмолози.
Овој филм, кој „Њујорк тајмс“ го стави на својата листа на 1.000 најдобри филмови, некогаш создадени, е прогласен за културно наследство на македонската држава. Режисерот Манчевски се присети на предизвиците и магијата за време на снимањето:
„Пред дождот е филм што се случи многу брзо, но, исто така, беше филм што и немаше да се случи. Две недели по почетокот на продукцијата, проектот беше речиси откажан. Снимањето беше исполнето со позитивна енергија, инспирација, но и со борба да се зачува неговата душа. Снимавме во македонските планини, кои не беа лесно достапни. Професионалци од 13 земји ги здружија силите за оваа македонско-британско-француска копродукција.“ – рече Манчевски.
Филмот во Сужу беше дел од специјалната програма на фестивал со осум реставрирани светски класици. Меѓу нив беа и „Седум самураи“ на Акира Куросава, „Жртвување“ на Андреј Тарковски, „Разјарениот бик“ на Мартин Скорсезе и „Сенки на заборавените предци“ на Сергеј Параџанов. Филмот ќе продолжи со проекции и во Пекинг.
На 30-годишнината од светската премиера на Венецискиот фестивал, каде што го освои „Златниот лав“ за најдобар филм, „Пред дождот“ наскоро повторно ќе се прикаже во Бразил. Таму, филмот своевремено освои фестивалски награди и доби извонреден прием од публиката и критиката, како и признание како еден од филмовите на годината.
До крајот на годината, „Пред дождот“ ќе се прикаже и на државната телевизија на Словенија, продолжувајќи ја својата мисија да инспирира нови генерации низ светот.











