Долготрајни аплаузи и стоечки овации беа дел од завршниот концерт во КИЦ Офицерскиот дом, на гостите од Вуковар, Хрватска од ОУ. „Драгутин Тадијановиќ“, музичкиот оддел и учениците на Државното музичко училиште Битола, а во организација на двете училишта и Хрватскиот културен центар МХД Марко Марулиќ Битола. На манифестацијата покрај градоначалникот на Битола Тони Коњановски, заменикот Бојан Бојкоски, претседателот на Хрватскиот центар „Марко Марулиќ“, дипломатскиот кор на Битола, присутни и дипломати од Хрватската амбасада – дипломатскиот советник Никола Бајиќ со сопругата како и многубројни вљубеници во добриот музички звук.

Гостите ги поздрави директорот на Битолското музичко училиште Кирил Стојчевски и директорката на Вуковарското училиште Лидија Милетиќ.
Музиката е јазик што го разбираат сите народи на овој свет без разлика на нација, боја на кожа и пол. Таа е врската помеѓу световите и временските рамки. Музиката е свето место каде што ја чувствуваме возвишеноста на универзумот, но и скромно, скриено место со најдлабоки тајни кои тешко се откриваат. Тоа е вечното место на нашата имагинација и соништа, нашите души и патот до ѕвездите. Културата ги поврзува народите.
Училиштето од Вуковар го носи името на големиот хрватски поет Драгутин Тадијановиќ, кој при посетата на училиштето на 19 април 2005 година го прифатил предлогот и дал согласност за преименување на училиштето. Музичкиот оддел при училиштето, во текот на своето дваесет и седумгодишно постоење и успешно работење, ги едуцира децата на полето на музиката и танцот и придонесува за севкупниот културен развој на градот Вуковар и неговата околина.

Концертот „Вуковарска гулабица“ во Македонија е првиот чекор кон многубројните заеднички соработки на училиштата и Хрватскиот културен центар како и КИЦ Битола кои допрва следат.











