Советот на безбедност на ОН е парализиран од геостратешки поделби, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш поветото на САД.
„Авторитетот и кредибилитетот на Советот за безбедност се сериозно компромитирани поради доцниот одговор на конфликтот и штетата направена врз неговиот углед со ветото на САД на резолуцијата со која се бара прекин на огнот во Газа“ рече Гутереш.
Гутереш ја даде изјавата за време на форумот во Доха, откако САД ставија вето на нацрт-резолуцијата во Советот за безбедност на ОН на крајот на неделата со која се повикува на итен хуманитарен прекин на огнот во конфликтот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.
„Барам од Советот за безбедност на ОН да изврши притисок за да се избегне хуманитарна катастрофа и го повторувам апелот за прогласување хуманитарен прекин на огнот. За жал, Советот не успеа, но тоа не значи дека не е потребно. Нема да се откажам од жалбата“, нагласи Гутереш.
САД синоќа (8 декември, 2023) ставија вето на предлог резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, кој беше поддржан од огромно мнозинство членови на тоа тело, а со кој се бара итен, хуманитарен прекин на огнот во војната во Појасот Газа.
Од 15 членки, 13 гласаа за резолуцијата, Велика Британија беше воздржана, а само САД беа против.
Советот за безбедност има 10 непостојани членки, како и пет постојани членки со право на вето, а тоа се САД, Кина, Велика Британија, Франција и Русија.
Заменик амбасадорот на САД во ОН, Роберт Вуд, го критикуваше Советот за безбедност по гласањето бидејќи, според неговите зборови, пропушти да го осуди нападот врз Израел од страна на палестинското милитантно движење Хамас и да го признае правото на Израел на самоодбрана.
Хамас, кој има политичка контрола врз Појасот Газа, започна ненадеен напад врз јужен Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и киднапирајќи околу 240.












