ТЕРА

REKLAMA???

ДАЛИ СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ СЕ САМОРАСПУШТАТ ИЛИ ЌЕ СЕ „ИСПАЗАРАТ“?

За в четврток е закажана 38-та седница на Советот на Општина Битола. Има само пет точки предвидени за дневниот ред. Првата точка е кварталниот извештај за извршувањето на буџетот за четвртиот квартал од ланската година.

Втората точка е завршната сметка на општината за 2023, а третата е годишниот извештај на општина Битола за 2023 година.

Токму втортата точка се очекува да биде најпроблематична и најдискутабилна ако се има предвид дека согласно Законот за локална самоуправа во членот 75 стои дека еден од условите за распуштање на советот е доколку не биде изгласана, односно усвоена годишната сметка на буџетот до 31 март.

Ова ни го потврдија и претходни претседатели на Советот на Општина Битола.

И Силвана Ангелевска и Валентин Груевски велат дека согласно законот за локална самоуправа ако не се донеси завршната сметка Советот се распушта, а со тоа ќе треба градоначалникот да го извести министерството за локална самоуправа, а тоа ќе достави предлог до Владата за распуштање на Советот.

И Ангелевска и Груевски објаснуваат дека владата пак во рок од еден месец од денот на приемот на предлогот, ќе донесе решение за распуштање на советот по сила на закон, кое го објавува во “Службен весник на Република Македонија”.

За остатокот од изборниот период ќе се распишат нови избори за советот, согласно со Законот за локалните избори. Изборите нема да се спроведат доколку до новиот изборен период има помалку од шест месеци, а во овој случај тој рок е далеку подолг.

А зошто оваа точка би била проблематична?

ВМРО ДПМНЕ и коалицијата веќе го немаат мнозинството во Советот, а за тоа како Коњановски управуваше со финансиите во текот на годината, новото мнозинство кое го препозна и ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот Коњановаски, составено од СДСМ и Поинаку, најчесто го критикуваа и често гласаа против многу точки, дури едвај се донесоа и двата ребаланси на Буџетот, а за Буџетот за 2024 година дел од советниците имаа в печаток на некаков „пазар“ ,  меѓу двете најголеми партии.

Сега за да не се распушти актуелниот состав на Советот има неколку опции.

Едната е сите советници, да ја гласаат завршната сметка, што е малку веројатно, втората е на гласовите на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата да се приклучат уште неколку кои ќе сметаат дека не е добро да се оди во насока на распуштање или пак имааат свој став поинаков од новото мнозинство, третата ВМРО ДПМНЕ да „обезбедат“ уште неколку гласови од спротивната страна и со мнозинство гласови да се усвои.

Некои го поставуваат и прашањето што ако и ВМРО ДПМНЕ и коалицијата не ја гласааат завршната сметка, а со тоа да тактизираат, тогаш останува левата страна на советот да мора да гласа за ова, во спротивно ќе ја донесат одлуката за распуштање.

А, дали новото мнозинство и покрај сите забелешки и критики на тоа како се управуваа парите на граѓаните во текот на ланската година, ќе кренат рака „За“ за да не се распуштат, засега не е познато, иако темата се разговарала низ партиските кулоари.