Денес, дел од програмата на битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“ е концертот „Барокна инспирација“ со Марко Поп Ристов – виолина и Марко Ариани – волончело, кој ќе се одржи во Офицерскиот дом, со почеток во 21.00 часот.
Битолчанецот Марко Поп Ристов има добиено повеќе први награди на различни интернационални натпревари, како што се: Performing Australian Music (Лондон,2008), Giovanni Batista Pergolesi (Италија, 2003), Петар Коњовиќ (Бивша угославија, 2001) и други.
Свири како солист со Kensington Sinfonia(Британија), Orchestra dei Ragazzi (Италија),Битолскиот камерен оркестар и Националниот симфониски оркестар на Македонија. Од концертите се издвојуваат и заедничките настапи со реномираната пијанистка Марија Вршкова. Со неговиот Ристов квартет, Марко настапувал на фестивали и сцени ширум Европа, како Британија, Франција, Швајцарија, Македонија, Косово и Србија. Во 2019 Марко го оформи клавирското трио Orion Piano Trio со кого во истата година остварија турнеја низ Европа со 7 концерти. Од неговото заминување за Нов Зеланд, Марко е редовен изведувач во APO (Auckland Philharmonic Orchestra) и ACO (Auckland Chamber Orchestra) а воедно е и водач на втори виолини во Bach Musicaоркестарот. Марко беше основач Villani Piano Quartet со кого од 2016 до 2019 години имаа остварено повеќе од 30 концерти ширум Нов Зеланд.
Марко Ариани почнал да свири виолончело на возраст од 7 години. Во 2012 ги изведувал сите свити за соло виолончело на Ј. С. Бах во повеќе градови низ Италија. Освоил многу награди на национални и интернационални натпревари за камерна музика, изведувајќи дуети со пијанистот Марко Џанферари и триа со Trio Gentilucci. Марко Ариани долги години предава виолончело и сега е професор при Конзерваториумот Orazio Vecchi во Модена(Италија). Свири на виолончело Jacques le Clerc од 1901 година.
На програмата на концертот во Битола ќе изведат дела од Бах, Хендл, Халворсен и други.












