Битолскиот режисер Дејан Пројковски се закити со наградата за најдобра претстава во целина за „Дон Жуан“ од Жан Батист Покелен Молиер, а во продукција на ХНК од Загреб.
Претставата својата премиера ја имаше на почетокот на октомври и истатата веднаш беше препознаена од публиката и критиката. Бројни медиуми и критичари во Хрватска со воодушевување пишуваа за ова театарско ремек дело на Пројковски.
Па така, Јутарњи Лист ќе напише – Одличниот „Дон Жуан“ на Дејан Пројковски во ХНК Загреб: „Продукцијата е спектакуларна, сценографијата грандиозна, костимите на Дорис Кристиќ извонредно имагинативни“.

Самиот Пројковски за овој проект вели: „Дон Жуан? Што е тоа? Тоа е метафора. Универзална, како љубов, смрт, живот. Сè може да се стави во таа метафора. Интересно е што може да се соберат сосема спротивни значења. Тоа само значи дека Дон Жуан е оксиморон: спој на спротивности, хармонија на бинарни спротивности. За некои тој е Бог, за други Сатана“.
„ Среќен и почестен сум со наградата. Работевме напорно со целиот ансамбл на ХНК и резултатот е очигледен. Работев со извонредни професионалци, исклучително талентирани актери и резултатот е одлична продукција. Инаку, оваа награда ја добивам по втор пат, првиот пат за претставата Орестија, во продукција на ХНК Сплит“, изјави Пројковски.

Освен Пројковски, на претставата работеа уште неколку домашни уметници и тоа Валентин Светозарев – сценографија, Горан Трајкоски – музика и Олга Панго – сценски движења. Инаку, Дејан Пројковски спаѓа во редот на најзначајните театарски режисери на денешнината, освојувајќи голем број награди со претставите кои ги работел во водечките театри во регионот.
Тој со претставите „Ричард трети“ и „Ана Карењина“, на Новосадско позориште, беше македонски претставник на 10 издание на Светската театарската олимпијада која се одржа оваа година во Унгарија. Ана Каренина има освоено над 40 награди и е прогласена за најнаградувана претстава во историјата на новосадскиот театар.












