Државното музичко училиште од Битола ја завршува годината со богата и внимателно подготвена празнична програма, која има за цел да ја донесе божиќната магија и да го разубави новогодишниот дух. Во периодот од 17 до 20 декември, учениците од училиштето, заедно со своите ментори, ќе настапат на повеќе концерти, презентирајќи го својот труд и талент преку избрани музички дела.
На 17 декември, со почеток во 17:00 часот, ќе се одржи концерт на класата по виолина под менторство на професор Тања Котевска во концертната сала во старата зграда, како и концерт на класите по соло пеење под менторство на професорите Магдалена Наумовска, Маја Митровска и Никола Зацевски, со учество на стручните соработници Александра Ристовска и Александар Грујовски, во концертната сала на новата зграда. Во истиот ден, со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи и концерт на класата по пијано под менторство на професор м-р Јана Четелева Белевска во старата зграда.
На 19 декември, со почеток во 14:15 часот, учениците од класите по пијано под менторство на професорите м-р Елена Ѓоргиева, Билјана Павлова и Александра Пецакова ќе настапат во концертната сала на новата зграда.
На 20 декември, програмата продолжува со концерт на класите по пијано под менторство на професорите д-р Татјана Божиновска и Билјана Димовска, со почеток во 17:00 часот во концертната сала на старата зграда. Во истиот ден, со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи и концерт на класата по пијано под менторство на професор
м-р Горјана Стојановска во старата зграда.
Програмата е создадена со цел да се промовираат талентите на младите музичари и да се нагласи важноста на музичката уметност како нераскинлив дел од културниот живот во нашата заедница. Настаните претставуваат можност публиката да ужива во богатата традиција и посветеноста на учениците и нивните ментори.











