Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, на денешната седница на Советот на општина Битола, информираше за проектите кои се реализираат во Битола, како и за начинот на кој општината ги решава наследените проблеми, но и мерките кои се преземаат со цел зголемената цена на електричната енергија да не остави последици врз реализацијата на проектите предвидени со општинските програми.
„Како што неодамна беше запозната и јавноста, јавното претпријатие „Жабени“, од страна на претходното раководство е оставено во големи долгови кои десеткратно ја надминуваат затекнатата сума на сметката на претпријатието, а дополнителни оптоварувања за претпријатието се и судски решенија и тужби. За да се овозможи негова функционалност и работа на привлекување нови инвестиции, планираме субвенционирање на претпријатието во висина од 1 милион денари за сервисирање на затекнатите долгови за електрична енергија, тековни и судски трошоци.
Реализацијата на проектот за изработка на нов ГУП е уште еден наш приоритет, за што паралелно работиме на обезбедување финансиска поддршка од други извори на финансирање. Така, преку проектот „Баир“ финансиран од Европските фондови, ќе бидат обезбедени дел од средствата за оваа намена, поради што предвидената ставка планираме да ја намалиме за 1.000.000 денари.
Исто така, од други фондови ќе бидат обезбедени и средствата за набавка на вендинг машини, поради што, предвидените 1.500.000 денари за оваа намена од програмата за животна средина, ќе бидат искористени во другите приоритетни области. Со ова, се овозможува комплетна реализација на програмата за животна средина, заштеда и наменска распределба на средствата. Ова е добро да го знаат сите граѓани, но и политичките партии кои можеби поради недоволна информираност, преку прес конференции ја дезинформираат јавноста.
За тешката финансиска состојба со спортските клубови, тековно ве информирав, согласно добиените наоди при извршените ревизии. Со цел да дадеме поддршка на развојот на спортот, неопходна е општинска поддршка на професионалниот спорт со дополнителни 20 милиони денари.
Морам да нагласам дека се врши промена кај уште еден проект кој зависи од централната власт, а е многу важен за нашата општина. Станува збор за проектот за гасификација, за кој до месец јуни од страна на Владата не се предвидени никакви активности.
Од нашите сознанија тогаш се очекува објавување на јавен повик за јавно приватно партнерство, а дури потоа општините ќе добијат насоки како и со колку средства треба да бидат вклучени во овој проект. Токму затоа, за да овозможиме што поголема реализација на буџетот со видливи проекти кои ќе донесат бенефит за граѓаните, во оваа фаза средствата кои досега беа предвидени за оваа намена за која реализацијата не зависи од општината, ќе бидат искористени во функција на конкретните проекти на кои веќе работиме“, рече градоначалникот Тони Коњановски.












