Тони се бори да ја задржи, а Менде, Васко, Мирјана, Зоран, Ќире, Габриела и Јорго се борат да му ја преземат.
Што е тоа?
Тоа не е само градоначалничката фотеља, туку градоначалничката плата од над 2.000 евра месечно.
На страниците на општините низ Македонија нема јавно достапни податоци колку точно изнесува платата на градоначалникот, така што таа информација се уште останува недоволно транспарентна кај мнозинството градоначалници.
Но, Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката покажува како таа може да се пресмета.
Законот ги пропишува и коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините и за градоначалникот на град Скопје. Тие коефициенти изнесуваат од 2,70 до 3,70.
Коефициентите за утврдување на платите на градоначалниците на општините се множат со просечната нето плата од претходната година.
Извесно е дека најисплатливо е да се биде градоначалник таму каде е поголем бројот на населението. Така меѓу највисоките градоначалнички плати се во град Скопје.
Градоначалничката плата во Битола е пониска и според ваквите пресметки изнесува околу 122.000 денари месечно нето.
Ако оваа нето плата се внесе на веб порталот mojaplata.mk се добива податок дека кога ќе се пресметаат придонесите тогаш вкупните месечни трошоци за платата на градоначалникот се искачуваат на приближно 180.000 денари бруто месечно.
Бруто сумата од 180.000 месечно x 12 месеци изнесува 2.160.000 денари. Односно за 4 години тоа е 8.640.000 денари или околу 140.000 евра бруто.
Толку битолчани, со актуелните пресметки, ги чини секој градоначалник во текот на еден четиригодишен мандат.
Но, интересно е дека законот отишол и чекор понапред. Овозможил градоначалникот доколку тоа го сака да може да ја извршува функцијата волонтерски. Досега во Битола таков случај немало, но законот вели дека градоначалниците кои функцијата ја вршат волонтерски, имаат право на надоместок на плата во висина од 30% од соодветниот износ во став 1 на овој член. Правата утврдени со овој закон им припаѓаат на градоначалниците од денот на нивниот избор до крајот на месецот во кој им престанал мандатот, ако со овој закон не е поинаку определено.











