„За Нас“, музичкото првенче на младата Ања Мицевска од Битола, е вистинска оддаденост на младешката енергија и креативност. На само 13 години, Ања со зрелост и професионализам го истражува светот на музиката, давајќи прекрасна урбана приказна за првата љубов, првиот занес и тие слатки копнежи кои се присутни во периодот на тинејџерските години. Чувствата кои го следат зачекорувањето во светот на возрасните, во нежен стил, се пренесени во текстот напишан од Ирена Мирчевска Љац и Јулија Мицевска. Нивните зборови совршено ги доловуваат емоциите и предизвиците при преминот од детството кон возрасноста.

Музиката, компонирана од Горан Мицевски Кус, е динамичен прогресив хаус кој веднаш го освојува слушателот. Со својата заразна мелодија и ритам, оваа песна ветува да остане запаметена уште при првото слушање.
Ања, заедно со талентираниот тим од Анастасија Центар од Битола кој работеше на овој проект, создаде и видео запис за песната „За Нас“. Стефанија Милевска Враниќ стои зад кореографијата, сценариото и режијата, додавајќи дополнителна длабочина и визуелна привлечност на приказната.

Во видео записот покрај Ања учествува и танчерска група од Анастасија Центар. Особено внимание заслужува костимографијата, дело на Анастасија Зулевска, моден креатор од Битола. Владич Бошковски, задолжен за снимањето и монтажата на видео записот, донесе професионализам и уметничка прецизност во завршниот продукт.











