Во пресрет на 43-от роденден на Тодор Проески, ќе се реализира хуманитарна продажна изложба на уметнички слики, нацртани на камена плоча со акрилни бои. Колекцијата се вика „Срцето не е камен“, според песната на Тоше и веќе е поставена во Спомен куќата во Крушево.
Уметничките слики изработени се од вредните раце на Светлана Зуламоска Грозданоска, уметник, стилист која веќе подолго време е позната по своите творби пред македонската и пошироката јавност.

До пред извесен период Светлана беше позната по изработката на портрети на познати јавни личности од коса, меѓу кои посебно беше изведбата на портретот на Тоше. Каменот го набавува од селата Бирино и од Мариово, од стари, распаднати куќи. Освен портретите на Тоше, таа слика и други мотиви на камен, кои се најчесто од природата.
Ако успее да ги продаде сликите, таа вели дека ќе продолжи да црта и да помага. Вели дека како мајка на 26-годишен син и ќерка од 21 година сега е послободна и по завршувањето на обврските во фризерскиот салон, може повеќе да се посвети на цртањето.

Ликот на Тоше со акрилни бои таа го наслика на камена плоча, од кои 12 нејзини дела се изложени во Спомен куќата и посетителите може да ги видат. Сите собрани парични средства Светлана, хуманитарно ќе ги донира, за медицински третман и лекување на болно дете. Со согласност на родителите, дел од паричните средства ќе бидат донирани за лекување на малиот Војдан Спасовски.











