СДСМ ќе обезбеди просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра, кои со влезот во ЕУ ќе достигнат до 1.300 евра односно 800 евра, рече денеска на првиот ден од кампањата Методија Илиевски, кандидат за пратеник од СДСМ и Коалицијата.
„Нашето ветување е реално и остварливо. Во претходниот мандат ветивме просечна плата од 500 евра и не само што го исполнивме тоа, туку успеавме да го надминеме и просечната плата достигна 650 евра. За скоро три пати ја зголемивме минималната плата која сега изнесува 22.500 денари.
Не може да има повисоки плати без силна домашна економија! Затоа планираме 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производство и поттик на економскиот раст со 3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции.
И ова наше ветување е реално и остварливо. За поддршка на приватниот сектор во време на кризата обезбедивме 492 милиона евра.
Свесни сме дека сите наши граѓани заслужуваат повисок животен стандард, на нивото на жителите на земјите членки на ЕУ. Имаме конкретен и издржан план како ќе го постигнеме тоа“ рече Илиевски.











