Официјален претставник на израелската одбрана за военото радио изјавил дека повеќе од 100 ирански дронови веќе се пресретнати вон израелскиот воздушен простор, од стотиците истрелани кон Израел.
Американските системи за противвоздушна одбрана на Блискиот исток пресретнале некои ирански беспилотни летала, јави Си-Ен-Ен повикувајќи се на двајца американски официјални лица.
Сирени се огласуваат низ многу области во јужен Израел, вклучувајќи ги Бершеба, Димона, Неватим и други области во услови на масовен ирански напади со дронови и ракети, јавија израелски медиуми.
Ирански медиуми јавија дека Техеран лансирал трет бран дронови кон Израел.
Засега нема информации дека балистички ракети биле лансирани од Иран кон Израел, изјавиле претставници на израелските власти.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху свика состанок на воениот кабинет во воениот штаб Кирјат во Тел Авив, соопшти неговиот кабинет.
Советот за национална безбедност на САД соопшти дека нападот врз Израел ќе се одвива во текот на неколку часа.
Овој потег на Техеран доаѓа на само неколку часа откако иранската морнарица заплени брод поврзан со Израел во Ормутскиот Теснец, поттикнувајќи стравувања од распространет конфликт на Блискиот Исток.











