67,5 децибели е бучавата на ул.Иван Милутиновиќ-ул.Столарска поточно кај Здравствениот дом во Битола. Тоа е за 7.5 децибели повеќе од максималното ниво на бучава. Ова се наведува во годишниот извештај за квалитетот на животната средина за 2022 година, кој го објави Министертвото за животна средина и просторно планирање .
Одделението по хигиена и здравствена екологија при Центар за јавно здравје – Битола, врши мерења на нивото на комунална бучава во месец април и октомври секоја година. Во 2022 година, согласно Правилникот за локациите на мерните станици и мерните места, нивоата на бучава се мерени на осум мерни места .

Мерени се децибелите на ул.Иван Милутиновиќ-ул. Прилепска, второто место означено на картата е ул.Иван Милутиновиќ-ул.Столарска поточно кај Здравствениот дом во Битола, Третата локација е на бул 1-ви Мај -ул.Мирче Ацев, поточно кај Горната гимназија, четврто е на ул.Партизанска –ул.Асном, односно кај Клиничката Болница , петтата локација е на ул.Борис Кидрич-ул. Никола Тесла, шестото место е кај ул.Партизанска-ул.Питу Гули, седмата локација е на ул.Карпош со ул.4-ти Ноември односно кај детската градинка Вангел Мајорот и осмата локација е на ул.Јадранска-со ул. Боривоје Радисављевиќ.

На графиконот 3 претставен е интензитетот на бучавата во животната средина во Битола за основните индикатори бучава преку ден Lд и бучава во текот на вечерта Lв. Од податоците може да се забележи дека на мерните места 3, 4 и 6 односно на улиците кај Горната Гимназија, пред Клиничката Болница во Битола и на у.Партизанска со ул.Питу Гули нивото на бучава ја надминува граничната вредност ГВ за бучава преку ден Lд. Надминувањето на ГВ се движи од 0,50 до 3,00 dB(A). На останатите 6 мерни места нивото на бучава не ја надминува ГВ за тоа мерно место.
Од податоците прикажани на графиконот 4, се гледа дека интензитетот на комуналната бучава во животната средина за индикаторот преку ноќ Lн, е надминато само на 1 мерно место. На мерното место 3, односно на бул Први Мај-ул.Мирче Ацев, поточно кај Горната гимназија има надминување на горната граница ГВ од 2,00 dB(A). На сите останати мерни места нивото на бучава не ја надминува ГВ за тоа мерно место.
Максимално дозволеното ниво изнесува 60 децибели. Дневната граница во подрачје од прв степен е 40 децибели, а ноќната 50.
На секое мерно место вршени се четири пати по 50 мерења во текот на едно деноноќие. Вршени се две мерења во тек на денот од кои се пресметува индикаторот Lд, едно мерење навечер Lв и едно мерење во текот на ноќта Lн. Периодот ден/вечер/ноќ е одреден согласно одредбите од Законот за бучава во животната средина, и тоа, денот трае 12 часа од 7:00 до 19:00 часот, вечерта трае 4 часа од 19:00 до 23:00 часот и ноќта трае 8 часа од 23:00 до 7:00 часот.

Бучавата во животната средина претставува сериозен здравствено еколошки проблем како во земјите од Европа така и во Македонија. Звуците се дел од нашиот секојдневен живот, тие често пати се несакан или штетен звук во надворешната средина создаден од човековите активности. Комуналната бучава првенствено влијае на квалитетот на животот, попречување на природниот ритам на работа и одмор. Таа предизвикува, како физички, така и психички проблеми кај населението, со тоа што ги нарушува основните активности на човекот како што се спиење, одмор, учење, комуникација, а особено влијае на оштетување на слухот. Врз основа на студии направени од страна на Институтот за јавно здравје, најчесто како последица на зголемено ниво на бучава се јавува нарушување на спиењето, вознемиреност кај населението, оштетување на слухот, кардиоваскуларни проблеми и влијае на психофизичката состојба.












