Започна 38-та седница на Советот на Општина Битола на која е и завршната сметка за 2023 година. Ако не се усвои, тогаш Советот ќе се самораспушти.
На седницата има само пет точки предвидени за дневниот ред. Првата точка е кварталниот извештај за извршувањето на буџетот за четвртиот квартал од ланската година. Втората точка е завршната сметка на општината за 2023, а третата е годишниот извештај на општина Битола за 2023 година.
Пред усвојувањето на дневниот ред ВМРО ДПМНЕ побара дополнување со неколку точки, меѓу кои се и велосипедските патеки и Парк.
Во своето обраќање градоначалникот Коњановски се осврна на два моменти, што ако не се усвои завршната сметка и што ако се усвои.
„Како во целиот досегашен период, така и денес кога на дневен ред е завршната сметка за 2023 повторно обраќањето ќе го започнувам со мојата почит кон Вас, иако од дел од Вас, моето работење не било, соодветно вреднувано. Потврда на тоа се и кварталните извештаи кои не беа усвоени од новото мнозинство во Советот.
Следствено на кажаното, очекувам денес да не ја усвоите ниту Завршната сметка за 2023 година, зошто таа всушност претставува сублимат на изнесеното во кварталните извештаи. Знаеме дека, со неусвојувањето на завршната сметка, Советот ќе треба да се распушти и да се распишат нови избори за Совет на општина Битола.
Доколку пак одлучите да ја изгласате завршната сметка за која како СДСМ, Поинаку и останатите коалициони партнери од новото мнозинство, тврдевте дека е резултат на неработење на градоначалникот, тогаш ќе се самонегирате и ќе потврдите дека: градоначалникот работел транспарентно и посветено, во интерес на граѓаните, а единствениот интерес на новото мнозинство биле лажните обвинувања, советничките паушали и финансискиот бенефит на советниците“ рече Коњановски.
На говорниците во првиот дел до паузата се обратија советници од ВМРО ДПМНЕ, Поинаку и Левица.













