Антитерористички единици на МВР извршиле проверка и констатирале дека шесте пријави за подметнати бомби во училишта во Кавадарци се лажни. Утрово после седум часот, на електронската пошта на шест училишта во Кавадарци, три основни и три средни, пристигнало предупредување за поставени бомби. Учениците и вработените биле безбедно евакуирани.
Во меѓувреме, МВР соопшти дека малолетник од Скопје доби кривична пријава за сторено кривично дело „тероризам”, поради испраќање на една од лажните дојави за бомби во скопски училишта. Кривичната е поднесена од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Како што појаснуваат од МВР, пријавениот малолетник инспириран од претходни објави за поставени бомби во неколку средни училиштата во Скопје, меѓу 26 октомври и 2 ноември годинава, на социјалните мрежи забележал дека пораките биле испратени преку конкретен провајдер, кој нуди криптирање и заштита на комуникацијата. Така, на 4 ноември од неговиот персонален компјутер, пристапувајќи на интернет мрежата на еден телекомуникациски оператор, креирал електронска адресата на конкретниот провајдер, преку која напишал заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта.












