Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар и пратеникот на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, соопштија од Приштина денеска дека остануваат на Косово со цел да спречат ескалација на ситуацијата на 1 септември.
По средбата со лидерите и опозициските партии во земјата Ескобар рече дека очекува Косово и Србија да имаат конкретен предлог за решавање на проблемот со српските регистарски таблички и документи. Тој посочи и дека добил уверување дека никој не сака ескалација и насилство на 1 септември, пишува Радио Слободна Европа.
„Значи, денес сме тука да се погрижиме сите тие добри желби и целиот тој оптимизам да се преточат во доброто на земјата“, изјави Ескобар.
Тие по посетата на Косово ќе отпатуваат за Белград. На северот на Косово, на 31 јули и 1 август, дојде до зголемување на тензиите, бидејќи локалните Срби подигнаа барикади за да се спротивстават на две одлуки на Владата на Косово за издавање документи за влез-излез на српските граѓани и промена на српските регистарски таблички. Косово до 1 септември го одложи спроведувањето на одлуките.












