ТЕРА

REKLAMA???

МАЗНИК СО ПАРИЧКА НА ВАСИЛИЦА

Бадник и Божик поминаа. Следен празник е Василица. Токму од Бадник до Василица кај дел од јавноста е дилемата кога се бара паричка во мазникот или во лепчето? На Бадник или на Василица? Битолчани ја немаат дилемата. Во мазник паричка се бара на Василица.

Според традицијата на овој ден некаде се пали оган, се крши лепче со паричка или се врти мазник со паричка, се топли ракија. Кај кого ќе падне паричката тој е кум за следната Василица.

Порано мазникот беше главен и неговото вртење, а во поново време особено на работните места или во поголемите друштва нема еден мазник, туку поединечни мазничиња, а во едно од нив има и паричка, освен во некои случаи кога заради пропуст нема никаде, па се повторува вртењето во следен ден, оти нели мора да се нарачаат повторно.И тоа се прави во чест на Свети Василиј Велики христијански светец, теолог и епископ од Кападокија, Мала Азија. Во црквата се смета како голем поборник за православната вера, пристаниште на моралната чистота и столб на Црквата. Се смета за основач на монашката традиција во источното православие. Како светец бил прогласен по неговата смрт. Православната црква го слави на 1 јануари, односно на 14 јануари.

По Божик, православните христијани на 14 јануари, го одбележуваат денот на свети Василиј Велики во народот познат и како Василица односно Стара нова година.

Историјата на „василопитата“ е еден настан, кој се случи во IV век во градот Кесарија Кападокиска, во Мала Азија. Во тоа време, Свети Василиј Велики беше епископ на Кесарија и живееше во единство со неговите сограѓани, со љубов, разбирање и помагање еден на друг.

Но, кога Јулијан Отстапникот, нечесен цар и гонител на Христијаните, сакаше да оди за Персија и да војува со Сасанидите, тој помина близу Кесарија. Тогаш Св. Василиј, кој добро го познаваше, бидејќи беа соученици во Атина, излезе заедно со народот да го пречека и почести. Јулијан побара дарови, очекувајќи злато и скапоцености.

Св. Василиј побара од народот да го соберат сето злато што го имаат и да го зачуваат некаде, за да му го дадат на среброљубивиот Јулијан кога ќе се врати, па така, можеби, да го намалат неговиот гнев.

Подоцна дојдоа во градот вести дека Јулијан е убиен.

Така се спаси градот Кесарија. Но, тогаш свети Василиј се најде во многу тешка положба. Требаше да го подели златото, кое граѓаните го собраа за да се избават од гневот на Јулијан, но таа поделба да е праведна, односно, секој да си го добие своето. Се помоли светителот и Бог го просвети што да направи. Тој ги повика своите ѓакони и помошници и им рече да замесат лебови и во секој леб да стават по малку од златните предмети. Кога лебовите беа готови, епископот ги подели како благослов на сите жители на градот Кесарија. Во почетокот сите се зачудија, а потоа нивното изненадување стана уште поголемо: кога секое семејство го пресече лебот, во него најде злато, но не било кое, туку токму она што му го имаше дадено на својот епископ.

Така значи, со тогашната „василопита“, Св. Василиј им донесе и благослов на луѓето и радост заради избавувањето. Оттогаш и ние, на денот на свети Василиј, 14 јануари, месиме василопита и внатре ставаме златник, во спомен на чудото, кое се случи во Кесарија.

На овој ден ја пославуваме и Православната Нова година, попозната како Стара Нова година, кога во храмовите после светата литургија се прави и молебен за благословување на новото господово лето.