На прес конференцијата за годинашното издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ претседателот на Друштвото на филмски работници, Игор Иванов- Изи го претстави лауреатот на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм”.
Познатата македонската актерка и продуцент Лабина Митевска е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм” за исклучителен придонес во македонската кинематографија, што традиционално секоја година ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија. Наградата на Митевска свечено ќе и биде врачена на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки”.
„Оваа награда востановена во 2013 година е замислена како признание за посебна контрибуција кон македонскиот филм и од самиот старт критериумот е подигнат толку високо, што навистина не е лесно да се најде вистински кандидат и достоен лауреат. Оваа година се одлучивме за ѕвезда која долги години блеска на големото платно со голем број главни и споредни филмски улоги и е еденод најуспешните продуценти во историјата на македонскиот независен филм“ рече тој.
Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм”, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, глумица (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020), Северџан Бајрам, актер (2021) и Горјан Тозија, филмски продуцент (2022).












