Во ЈЗУ Клиничка болница Битола и Одделението за ортопедија и трауматологија пристигна нов артроскопски столб, како помош од Министерството за здравство, а на барање на началникот на одделението Др. Маргарита Видевска и директорката на Клиничка болница Битола Др. Елизабета Ивановска.
Од болницата велат дека тоа е најсовремен артроскопски столб на фирмата „Smith & Nephew“ со ЛЦД екран направен по највисоките стандарди за артроскопски интервенции на колено, рамо и скочен зглоб. Овој вид на артроскопски интервенции при ЈЗУ Клиничка болница Битола се прават уште од 1995 година и заради застареност на апаратите, истите во последниве години стагнираа. Со добивањето на овој современ апарат и секако со вработувањето на младите лекари како и нивната специјализација по ортопедија, наскоро артроскопските интервенции ќе станат рутински операции во нашата болница, такашто упатувањето на пациентите во други болници за ваквов вид на интервенции повеќе нема да биде пракса.
Системот за хируршка слика LENS 4K на „Smith & Nephew“ е хируршка видео платформа со најнова 4K технологија, дизајнирана за спортска медицина (интервенции на колено, рамо, скочен зглоб) и мултиспецијалистички центри за артроскопски и ендоскопски процедури.
„Донациите во опрема и добра од страна на Министерството за здравство се добредојдени во нашата институција, истите претставуваат опрема која ќе биде користена од нови и млади стручно обучени медицински лица кои ќе помогнат во подобрување на квалитетот и животниот стандард на нашите пациени, граѓаните на град Битола и регионот.
Изразувам голема благодарност кон министерот и Министерството за оваа нова донирана опрема.
Новите апарати и достигнувања се уште еден чекор во достигнувањето на највисоки резултати при лекувањето на нашите пациенти. Еден од предизвиците на кој сме сконцентрирани континуирано да делуваме е токму тој – обезбедување на нова и современа апаратура и замена на веќе постоечката во сите оддели и одделенија на нашата Клиничка болница.
Здравјето на нашите граѓани е основа за здраво општество “ вели Д-р Елизабета Ивановска, Директор на ЈЗУ Клиничка болница Битола.











