Композиторот Лазар Аврамовски им подари на љубителите на добриот музички звук обработка на познатата народна песна “Излегол невен Пејо по Шар Планина”.
Песната ја изведуваат македонските актери Влато Јовановски, Сенко Велинов и Жаклина Стевковска кои што му даваат на аранжманот соодветна епска лирика која што со себе ја носи самата песна.

„Идејата се роди по сеќавање на еден другар на радио емисијата од 80-тите години „Поздрави и честитки на наши слушатели. Емисијата ја имаа скоро сите радио станици во бившата Југославија.Најбарана песна беше Излегол невен Пејо и се одлучив да дадам свој печат на едно време и на една песна која паѓа во заборав, аранжманите оркестрациите и партитурите за хорот ги работев краток период“, ни изјави Аврамовски. Во песната учествува и џез триото: Гоце Стевковски, Горан Гешовски и самиот композитор Аврамовски, како и гудачки оркестар и академскиот хор Мирче Ацев под диригентска палка на Јасмина Ѓорѓеска.

Оваа песна претставува вистинско музичко освежување за годината која штотуку започна.












