Синоќа во Битола беше отворен форумот за локални практики во филмската дејност, кој се реализира со поддршка од општина Битола и Културно Информативниот Центар – Битола, а во организација на Здружението за поддршка и производство на долгометражни и краткометражни филмови и поддршка на развоjот на филмската деjност „БАЛКАН СИНЕМА СИТИС“. Овој форум, претставува можност за воведување на иновативни практики, решенија и идеи, во напредокот на филмската дејност на локално ниво. На отворањето на форумот, свое обраќање имаше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
„ Кога зборуваме за одржливост во оваа област, мора пред себе да го имаме значењето на филмската индустрија за развојот на туризмот, културната промоција и финансискиот бенефит за речиси сите други сектори кои функционираат во градот. Сепак, во процесот на создавање нови придобивки, не смееме да ја заборавиме грижата за објектите и животната средина, зошто само на тој начин, секогаш ќе бидеме чекор понапред кон подобрувањето на условите за напредок“, рече Коњановски.

„ Форумот под слоганот „Дејствувај на локално ниво” има за цел преку дијалог помеѓу повеќе засегнати страни од централно, општинско и секторско ниво да поттикне идеи за градење на една визија за развој на силен локален филмски, културен и креативен сектор, како и визија за создавање и градење на т.н „пријателска филмска и аудиовизуелна околина на локално ниво“‚ која позитивно може да влијае како на заедницата, така и на локалната економија и економскиот раст на подолг период“, истакна претседателот на Балкна синема ситис Кирил Ѓозев.
Иницирањето на Форум за локални практики во иднина треба да придонесе за создавање на подобра стратегија за децентрализација, локален економски раст, развој на филмската дејност и културната политика воопшто.

Форумот беше отворен со проекција на играниот филм „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ, кој е првата македонска продукција која користеше еко практики.
Истиот продолжи денес, а на кој беа опфатени теми поврзани со можностите и предизвиците на зелениот аудио – визуелен сектор, како и одржливоста како нова тема во сите области од животот, вклучително и во филмската продукција.

Здружението за поддршка и производство на долгометражни и краткометражни филмови и поддршка на развојот на филмската дејност Балкан синема ситис (БСС) е регионална филмска платформа која ја поттикнува меѓурегионалната и прекуграничната соработка. Освен стимулација во делот на уметничката и креативната размена низ цела Европа, Балкан Синема Ситис ги вмрежува домашните и странските професионалци и често отвара дискусии за значајни теми со кои се соочува аудиовизуелниот сектор во целина.












