Катарскиот премиер потврди дека Израел и Хамас постигнале прекин на огнот во Газа и договор за заложниците
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одвоено разговараше со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и со претседателот Џо Бајден за да им се заблагодари за нивната помош во обезбедувањето прекин на огнот во Газа и договорот за ослободување заложници во замена за палестинските затвореници, соопшти неговиот кабинет.
Претставници на Хамас во Појасот Газа соопштија дека најмалку 71 Палестинец се убиени по објавувањето на договорот за прекин на огнот со Израел.
Според портпаролот на цивилна одбрана во Појасот Газа, најголемиот број од жртвите се во градот Газа, а помеѓу загинатите има деца и жени. Информациите не се независно проверени.
Израелската армија соопшти дека ги истражува извештаите.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го поздрави договорот за прекин на огнот во Појасот Газа меѓу Израел и палестинското движење Хамас, како и ослободување на заложниците, пренесоа светските агенции.
ЕУ денеска соопшти дека ќе обезбеди помош од 120 милиони евра за воено разурната Газа, еден ден по објавувањето на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, е „голем напредок“, но предупреди дека претстојат нови предизвици, јави ДПА.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го поздрави договорот за прекин на огнот во Појасот Газа, постигнат синоќа меѓу Израел и палестинската вооружена групација Хамас, нагласувајќи дека „сега приоритет мора да биде ублажување на огромното страдање предизвикано од овој конфликт“.












