Битолскиот универзитет од денеска до среда го реализира првиот уписен рок. Сите 11 високообразовни институции ги отворија вратите за идните студенти. Во новата академска 2023/2024 година, во прва година ќе може да се запишат 2.565 студенти, од нив 1.351 студент за студирање во државна квота, 773 места се наменети за студии со кофинансирање и 441 за вонредно студирање. Трката по студентски индекс ја почна и Педагошкиот факултет. Тука ќе можат да се запишат 230 бруцоши.

„На Педагошкиот факултет ги имаме следниве насоки: наставник за одделенска настава каде се очекуваат 45 студенти, воспитувач 30 студенти, информатика и техничко образование 30 студенти, англиски јазик и книжевност вкупно 65 студенти, македонски јазик и книжевност 30 студенти и социјална -рехабилитациска педагогија 30 студенти. Во овие студенти спаѓаат редовните и вонредните студенти и студентите кои се редовни и треба да се запишат со школарина“, изјави проф.др. Билјана Граматковски, редовен професор на Педагошки факултет-Битола.
Прашавме каков е интересот за носоката по македонски јазик, кога би се споредило со изминатите неколку години?
„За жал како што поминуваат годините така и интересот за насоката македонски јазик и книжевност се намалува. Меѓутоа она што сакам да го кажам а и треба да го слушнат сите идни студенти, според новиот закон во секоја една државна институција ќе мора да има по еден лектор што значи дека ќе има потреба од таков кадар од таков профил на студенти и ова е еден апел да се запишуваат студентите на оваа насока, со оглед на тоа што не само кај нас туку и на УКИМ во Скопје се намалува бројот на студенти и убаво би било да се запишат затоа што знаеме дека тие веројатно претставуваат и последниот бедем за одбрана на македонскиот јазик, затоа што и самите знаеме во која ситуација во моментот се наоѓа истиот јазик. Значи треба да го одбраниме и тоа е апел до сите идни студенти да се запишат на оваа насока на Педагосшкиот факултет-Битола“, рече професорката Граматковски.

Според Конкурсот најмногу слободни места има на Техничкиот факултет-Битола – 380. На Факултетот за информатички и комуникациски технологии ќе може да се запишат 275 бруцоши, додека на Педагошкиот факултет има место за 230 студенти.На Правниот факултет – Кичево има место за 365 студенти, на Факултетот за безбедност – Скопје има 310, на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид 302 слободни места, а на Економскиот факултет во Прилеп ќе можат да се запишат 248 студенти.Од УКЛО велат дека и оваа година го стимулираат уписот на најдобрите, па така на секоја единица на Универзитетот, од сите студиски програми заедно, на три најдобро рангирани кандидати, ќе им бидат рефундирани средствата од плаќање партиципација за првиот семестар од првата година на студии.












