ТЕРА

REKLAMA???

ПРЕМИЕРА НА НАЈНОВИОТ ФИЛМ НА ТЕОНА МИТЕВСКА ВО ВЕНЕЦИЈА

Во рамките на најсмелата и најпровокативна програма на Венецискиот филмски фестивал, „Авторски денови“, својата светска премиера ја имаше најновото филмско остварување на Теона Стругар Митевска “21 ден до крајот на светот“. Филмот беше прикажан во пакет со краткометражниот филм на Селин Шиама “Како детето станува поет“, авторка која често ги предизвикува сексистичките предрасуди, најпозната по многу наградуваниот “Портрет на жени во огин“.Создавачите на програмата со оваа комбинација, која на извесен начин обликува филмуван феминистички манифест направија успешен потег бидејќи пладневната проекција беше исполнета до последно место, а воодушевената и силно возбудена публика уживаше и во плодната дебата за суштинските прашања за слобода, слобода на израз, феминизмот денес, која се разви за време на сесијата за прашања и одговори по прикажувањето на двата филма.  

И двата проекти се надополнуваат и според начинот на нивно создавање, сосема независно, со најминимално финансирање и следствено без компримиси, без цензура, без никакви ограничувања во смелиот авторски израз.

Минатата година , „Најсреќниот човек на светот“, шестиот игран филм на Митевска беше во селекцијата Хоризонти во Венеција, каде годинава премиерно играше и филмот на македонско-австралискиот режисер Горан Столевски „Домаќинство за почетници“.

Митевска вели дека идејата за „21 ден до крајот на светот“ се родила за време на ковид изолацијата.

Филмот е копродукција меѓу Македонија и Белгија, а продуцентката Лабина Митевска вели дека „Да се биде во Венеција по втор пат во две години е огромна работа за секоја кинематографија, а да не зборуваме за македонската“.

„Македонскиот филм издоминира на најстариот фестивал на филмот во Венеција, претставен преку тројца наши автори. Секој успех и секој автор говори сам за себе, но ваквото силно присуство во различни програми на тројцата наши режисери, остава национален печат и јас сум премногу горд што го доживувам овој значаен момент. Уште еднаш честитки за сите тројца, но и за екипите со кои ги сработија проектите“, изјави Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.