Одбележувањето на 188 годишнината од постоењето на пожарната бригада во Битола измина со присуството на многу пензионирани пожарникари кои се грижеле за безбедноста на градот многу години пред оваа генерација пожарникари. Александар Василевски е возач пожарникар во пензија. 32 години бил дел од битолската бригада. Учествувал во „скришум“ гаснење на пожар.
Секој ѕвон, аларм, тревога, секое славење или молк кој извирал од пожарната се дел од животите на Ѓоко Погачник. Неговата семејна куќа е „лепенка“ на пожарната. Неговиот татко бил пожарникар, децата му пораснале во дворот покрај големите црвени камиони. Се сеќава на моменти кога во болна неизвесност го очекувал враќањето на својот татко дома.
Задоволството од добро сработената работа во професијата пожарникар го зголемува благодарноста на спасените, преживеаните, лицата чиј имот бил заштитен, вели Владо Наумовски.
Неизречените чувства се показател за вистината поврзана со работата на пожарникарите. Треба голема посветеност и храброст да се биде пожарникар, затоа што секојдневно се става сопствениот живот во ризик за доброто на други луѓе.
188 години постоење е значаен јубиле, особено што во градот се гради нов објект за пожарникарската бригада, кој што може да ја отвори новата двовековна историја на битолските пожарникари.











