Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, по распит на 12 осомничени за несреќата на железничката станица во тој град, донесе наредба за спроведување истрага и поднесе предлог за приведување на 13 од нив, меѓу кои и едно лице кое е во странство, јави дописникот на МИА од Белград.
Меѓу нив се и министерот во оставка Горан Весиќ, поранешната министерка и в.д директорката на Железничката инфраструктура на Србија, Јелена Танасковиќ, како и поранешниот директор на Железничката инфраструктура на Србија, Небојша Шурлан.
За сите нив е предложен притвор за да не се мешаат во постапката со влијание врз сведоци и соучесници, за да не го повторат делото, како и поради вознемирување на јавноста.
За едно лице поради тоа што е недостапна за органите на прогонот, е предложено да се распише и потерница.
Претходно беа уапсени неколку лица.
Во трагедијата што се случи на 1 ноември, кога се урна настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, загинаа 15 лица, а двајца сè уште се во критична состојба.











