Премиерот на техничката Влада Талат Џафери во интервју за МИА најави дека на утрешната владина седница ќе има поконкретни решенија за проблемот со патните исправи. До 12 февруари граѓаните треба да ги заменат патните исправи поради промена на името на државата Република Северна Македонија.
-Па мислам дека утре ќе се реферира по однос на гледиштата и она што сметаме дека е изводливо би било како одлука конечна како би се спровело, а она што би сметале дека е неспроводливо ќе треба да најдеме алтернатива кое би било решението, рече Џафери без да открие детали.
Со стари патни исправи ќе останат и нашите државјани во странство и не ќе можат да се вратат дома. Џафери потенцира дека државјанин на Република Северна Македонија и без ниеден документ ако дојде до граница за влез во државата – државата е должна да го потврди неговиот статус по однос на државјанството и доколку се потврди државјанството е должна да го пушти без ниеден документ.
-Имајќи предвид дека од надвор не може да се патува без никаков документ, државата има воспоставено мрежа на дипломатско-конзуларни претставништва коишто имаат надлежност и обврска на таквите случаи да им издава соодветен документ за патување во еден правец за да можат народски кажано тие наши граѓани да се докопаат до институциите на државата внатре во државата и овде да се обезбеди итноста на издавањето, рече Џафери во интервјуто за МИА.












