„UPBEAT“, првата европска платформа за шоукејс фестивали, ја лансираше наградата „Најдобар нов талент“, за да го нагласи значењето на уметниците во подем и музичкото богатство задушено од генеричката поп-култура.
Жири од експерти, прочуени музички професионалци, критичари и познавачи на индустријата внимателно селектираа десет номинирани кандидати од вкупно стотина артисти кои настапувале на фестивалите организирани од членовите на „UPBEAT“ низ годината. Финалниот победник беше избран од публиката со приближно четири илјади гласачи од цела Европа кои го поддржаа својот омилен артист. Со најголем број на гласови, победник е Зарина Првасевда која свири и македонска и светска традиционална музика. Таа има соработувано со артисти ширум светот, а исто така има работено и на филмски проекти.

Зарина ја имаше можноста да сними видео со „Ла Блоготек“, тим од Париз, учествувајќи во нивното славно „Take Away Show“.
Тука се и нејзините колеги Тони Арслан, Филип Михајлоски и Драган Теодосиев. Балансирајќи го своето раскошно наследство со автентичното самоизразување, Зарина Првасевда го пронајде сопствениот глас на нејзиниот деби албум „Ехо“. Нејзината вокална техника е вкоренета во источноевропските и ориенталните традиции, кои ги комбинира со инструментален и ритмички диверзитет. Со срдечен и свеж поглед кон македонското наследство, „Ехо“ содржи единаесет традиционални песни на четири различни јазици.
Како победник, Зарина Првасевда настапи на енергичната и единствената ПИН конференција и шоукејс фестивал во Скопје каде што, исто така, се одржа и официјалната церемонија за доделување на наградата.












