Премиерот Димитар Ковачевски на денешната седница на Собранието, на која беа пратеничките прашања, зборуваше и одговори на прашањето на пратеничката Мизрахи за отворањето на Центарот во Битола со името на Ванчо Михајлов и ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да обрнат внимание кого евентуално поддржуваат.
„Јас сум директен и искрен човек и искрено и како премиер и како граѓанин ќе ви одговорам. Сосема е во ред, која било соседна држава којашто има граѓани кои се самоопределуваат, да отвори културен центар во нашата држава, како што впрочем, пред многу години и ние отворивме културен центар во Софија, како што веќе низа години постои културен центар на Бугарија во Скопје. Тоа е една од многуте форми за пријателство, добрососедство и размена на културните вредности.
Конкретно, ние како две држави, како два народа, сме различни, со различен културен, јазичен и национален идентитет. Така било, така ќе биде, бидејќи македонскиот народ има вековита засебна традиција, историја и посебен идентитет.
Но, во исто време, не сум задоволен, не се согласувам и сум многу разочаран што соседна Бугарија одлучи да именува центар со името на Ванчо Михајлов.
За мене, а знам и за огромното мнозинство на граѓаните, лицето Ванчо Михајлов е поврзано со директна соработка со нацистички и фашистички режим. Тоа е крајно негативен лик, кој направил огромна штета на македонскиот народ. Човек кој учествувал во ликвидација и ништење на македонски револуционери. Бил соучесник во режимот кој ги депортираше сите македонски Евреи во логорите на смртта. Тоа е огромно, ужасно, непростливо злосторство.
Како се чувствувам? Нималку добро. Многу бев вознемирен кога ги видов бугарските официјални лица, заедно со македонски граѓани, пред сѐ од Битола, кои отвораат центар со вакво име, со слики и фигури на овој лик.
И мојот личен став и ставот на мојата партија за негативниот лик и дело на Ванчо Михајлов не е променет. Ист е. И кога неговата фигура беше поставена во Музејот во Ново Село во Штип, со говор на почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, осудено лице за криминал и бегалец, Никола Груевски. Мојот негативен став за него, е ист како тој кога неговата фигура беше ставена и во Музејот во Скопје, како дел од криминалот на Груевски и сопартијците во најголемиот криминален проект Скопје 2014-та година.
Не знам, дали го имате на сликите во вашата Бела палата. Вие си знаете“ рече Ковачевски.
Во врска со отворањето на Центарот во Битола, премиерот повтори дека дал насоки на надлежните ресори и министри, да направат анализа зошто нема законска регулатива со којашто ќе се спречат вакви и слични имиња да бидат користени и најважно, да подготват законска основа за нивно соодветно третирање.
„Планирам директно да го информирам колегата Петков, дека како Влада, во текот на оваа година, имаме намера да отвориме нов културен Центар на Република Северна Македонија во Благоевград. Името на Центарот ќе го определиме во комуникација со нашиот Институт за национална историја”, најави премиерот Ковачевски и рече дека на овој настан планира да повика претставници од опозицијата.












