Над 30 луѓе се убиени, а стотина ранети при ракетен напад на железничка станица во источна Украина.
Украинската државна железничка компанија соопшти дека две руски ракети ја погодиле станицата во Краматорск, која се користи за евакуација на цивили од областите под бомбардирање на руските сили.
Кремљ демантира дека Русија била вмешана во ракетен напад врз железничка станица во Краматорск во источна Украина, јавува Ројтерс.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека руските вооружени сили немаат мисии закажани за Краматорск во петокот, а и руското Министерство за одбрана, исто така, негираше дека руските сили се одговорни за нападот.
Ракетниот напад се случи пред најавената средба на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Жозеп Борел висок претставник на ЕУ за надворешни работи и словачкиот премиер Едуард Хегер со украинскиот претседател Володимир Зеленски.












