Комисијата за јавни и комунални дејности на Советот на Општина Битола, одржа седница со една точка на дневен ред, а тоа како што соопшти претседавачот со комисијата Бојкоски, е иницијативата за отпочнување на постапка за нова програма за поставување на урбана опрема на подрачјето на општина Битола.

„Да се заблагодарам на здружението „Еснаф“ кое што се одзва на овој повик со угостителите да дојдат, бидејќи на два пати се имаме видено, секогаш пред отпочнувањето на зимската сезона, заедно со сите координатори на советнички групи сме разговарале по однос на поставувањето на урбаната опрема. Тоа значи делот кој се поставува, односно она зимско затворање на Широк сокак. На неколку пати разговаравме, неколку пати имавме иницијативи за отпочнување нова програма и затоа ја свикав оваа комисија каде што се присутни сите релевантни чинители што се инволвирани во донесувањето или имплементирањето на оваа програма“ рече советникот од ВМРО ДПМНЕ, Бојан Бојкоски.
Бојковски рече дека важно е да се дефинираат чекорите кои треба да се преземат со цел да се добие нова функционална програма, бидејки таа што беше донесена пред седум-осум години е стара, а има и нови иновативни решенија кои можат да ја подобрат сликата на тие затворени објекти во зимскиот период. А, тоа да се направи заеднички со сите инволвирани страни.
Секретарот на општината Димитровски рече дека оваа тема долго е дискутирана и со советниците и со претставниците на угостителите од здружението „Еснаф“, летна и зимска опрема, односно 18 или 19 измена е и е заклучено да се работи на нова програма, особено во оној дел кој се однесува на угостителските објекти.
„Да не биде индивидуална одлука на никого, бидејќи како што се напомена во изминатите повеќе од две години имаме средби и секогаш средбите со преставниците на угостителската заедница се случуваат пред зимската сезона, нема време за суштински измени, секогаш заклучокот е ист. Како не би се доведувале повторно во таква ситуација, треба јасно и недвосмислено и Советот и Општината да кажат. Доколку сакаме да имаме нова програма, треба да се донесе одлука и да се започне со изготвување, со запазување на целата законска регулатива“ рече Борче Димитровски, секретар на Општина Битола.
Претставникот од Завод и музеј Битола го повтори нивниот став.
„Значи ние повторно ако учествуваме во програмата, кога ќе се изработува оваа програма повторно ставот ќе биде таков, согласно законот, дека постојат некои модалитети, ние ги прилагодивме и беа вградени во програмата. Меѓутоа онакво затворање на улицата, на јавниот простор, тоа е недозволено, тоа е само кај нас како случај“ рече Зоран Алтипармаковски од битолскиот Завод и музеј.
Претставникот од угостителите зборуваше за состојбата во нивните објекти, вели дека тие плаќаат кирија за дуќаните внатре, а седењето на гостите е на тересата, пред се заради пушењето.
„Ако размислуваме како треба да изгледа нештото, тоа така треба да изгледа, но едно цело го сочинуваат многу елементи, не е само изгледот на улицата, значи тука се работи за општество, за бизниси, за вработувања, за икс работи. Ние дуќаните, со носењето на овој несреќен закон за пушење, кој за мене е нелогичен, дуќаните на лето ни се внатре празни, плаќаме кирија, на зима ни се празни, сите луѓе се во делот каде што се пуши. Значи ние џабе плаќаме кирија за дуќаните внатре, плаќаме кирија, а само ја користиме терасата. Единствено функционално нешто е терасата. Што се однесува и за традицијата во Битола, кафе пиењето е историска традиција во Битола, тој момент е многу клучен и не знам, луѓето по два-три пати одат на кафе во Битола, посебно на Широк сокак. Грдо е, сите се сложуваме дека е грдо, грдо е, ама што да правиме кажете. Значи едно општество, еден систем мора да функционира. Нема решение, не знам како треба. Ние бизнисите ќе ги затвориме, ако не работиме со тераси затворени“ рече Марио Трифуновски од Здружението „Еснаф“.

Бојкоски рече дека целта на иницијативата е дека треба да се најдат нови решенија, кои нема да бидат како постоечките.
„Целта на оваа нова програма, со нови системи кои што се сега достапни на пазарот и да бидат поубаво уредени и внатре локалните и од надвор да изгледаат поубаво и да не бидат како што се сега чадални, да можат да си постават и некакви системи со цел да можи и да има внатре вентилација во просторите и да изгледа подобро за сите, да има унифицираност, како на тендите, така и на урбаната опрема која ќе се поставува во зима, а во лето ќе бидат комплетно отворени“ рече Бојкоски.
За традицијата од минатото и сегашноста зборуваше и советникот од СДСМ.
„Значи сакам да се надоврзам, особено на последната дискусија на господинот Марио, значи дефинитивно кафето и цигарата се традиција во Битола, пред се од турско време па до денес, час и чест на сите институции во нашата земја, меѓутоа мора тука да се потсетиме дека, пред се се работи за нашиот град, се работи за нашите сограѓани и постојат начини механизми, чак дури и ние тука како Совет во рамките на законите и можностите да поднесиме иницијативи преку пратеници, како советнички групи, за одредени измени во законот“ рече Методија Илиевски.
Советничката Трајковска од ДОМ рече дека кога нешто се прави треба да се гледаат сите аспекти.
„Јас побарав иницијатива за да се формира тоа работно тело. Паралелно со одлуката за отпочнување на нова програма, на следниот Совет кој се надевам дека ќе биди пред 8 март, оти нема да стигниме да ги направиме работите, мора да се донесе и одлука за формирање на ова работно тело. За тоа време ќе мора службите да побараат од здружението „Еснаф“ да делегира свои претставници, мислам дека зборувавме тројца претставници од „Еснаф“, комората на овластени архитекти да си делегира пет членови од стручната фела архитекти, урбанисти, музејот секако треба да има свој претставник и побаравме да има од сите советнички групи да има претставник во тоа тело. Ако ние не успееме следната недела да го формираме тоа тело, повторно ќе ги излажиме луѓето и ќе ги донесиме во заблуда и нема да донесиме ниаква нова програма, ако не седниме да ја сработиме“ рече Анастасија Трајковска, советничка од ДОМ.

Иницијативата оваа точка да се најде на следната седница на советот заедно со работното тело беше ставена на гласање, а пред тоа мала кавга Бојкoски- Илиевска.
Точката беше изгласана со три гласа „за“ и еден воздржан.












