Изложбата ,,Сеќавање” од Васил Костов, во петокот, на 06.12, во Ликовната галерија на ЦК ,,Марко Цепенков”, Прилеп го имаше своето отворање. Изложени беа 27 дела во знак на уметничкото достигнување и големиот успех во ликовната дејност на прилепската и македонската ликовна сцена, а за неговите дела се слушнало и пошироко.

Елена Чагорска, историчар на уметност, ја отвори изложбата со вовед во делата изработени од разновидна техника и материјали. Според изјавата на Чагорска, Костов последните години од животот им ги посветил на непополнетите моменти, односно сеќавањата од детството исполнети со многу страдања и слики од доживеани настани од бегството, од Егејска Македонија. Оттука и името на изложбата ,,Сеќавање” на чии дела се одсликани емоциите, сеќавањата и доживувањата за бегалските сеќавања во периодот помеѓу 1945 – 1952 година.
Творбите на Костов содржат извонредно доследен, естетски, сублимиран вид создавање, на едно колористички и обликувано, диференцирано и специфицирано ликовно творештво со кое тој се обидува да да го поттикне нашиот интелект на размислување, акција, определување. Колоритот на боите и хармоничноста разиграни на делата од овој ликовен уметник предизвикуваат естетско доживување и ја будат фантазијата кај глеачите.

Васил Костов е добитник на многубројни награди, а освен во нашата земја, неговите уметнички дела се познати и прочуени и во странските држави.











