Регионалниот директор на Светската здравствена организација-СЗО за Европа , Ханс Клуге предупреди дека ширењето на реткиот вирус на мајмунски сипаници може да се забрза на континентот во текот на летните месеци.
„Како што влегуваме во летната сезона во европскиот регион, со масовни собири, фестивали и забави, загрижен сум дека преносот може да се забрза, бидејќи случаите што моментално се откриени се меѓу оние кои имале сексуална активност, а симптомите се непознати за многумина“, рече Клуге.
Повеќе од 100 случаи на вирусна инфекција се потврдени или се сомнителни во Белгија, Франција, Германија, Италија, Португалија, Шпанија, Шведска, Холандија и Британија. Случаи се откриени и во САД, Канада и Австралија.
Мајмунските сипаници, почести во западна и централна Африка, предизвикуваат блага вирусна болест која се карактеризира со треска и карактеристичен осип.
Научниците не очекуваат дека избувнувањето ќе еволуира во пандемија како Ковид-19 бидејќи вирусот не се шири толку лесно.












