ЛДП деновиве соопшти дека започнуваат граѓанска иницијатива за можноста за отповикување на градоначалниците преку измени на Законот за локална самоуправа и собирање на потписи за референдум.
„Градоначалниците на општините со законот од 2002 година, никако и по ниту една основа не можат да бидат променети, освен ако се осудени со правосилна пресуда на затворска казна од шест и повеќе месеци, во случај на смрт или станат жители на друга општина. Секој друг во оваа држава, вклучувајчи го и претседателот може да биде променет. Тоа е нелогично бидејќи може да имате и имаме градоначалник кој троши годишно 25, 30, 50 или 500 милиони евра, а за четири години не постигнува никаков резултат. Мора да се најде некаков начин по кој тој градоначалник ќе одговара или ќе има институт со кој тој ќе биде сменет. Ние сметаме дека референдумот на кој би се изјасниле граѓаните за промена на градоначалник е едно легитимно средство со кое тој градоначалник може да биде променет“ вели потпретседателот на ЛДП, Валентин Груевски во емисија на Телма.
И прашува зошто градоначалник не може да биде променет? Додава дека создадени се градоначалници кои како што вели, кога ќе станат на сабајле можат да променат 20 или 30 директори, во зависност од големината на општината.
„Тоа во оваа држава не може да го направи ниту премиерот. Градоначалници кои што можат да потрошат 30 милиони евра годишно со свој потпис, можат да потрошат 50 милиони евра со својот потпис. Тоа не можат да го направат ниту министрите. И ние направивме мали енклави во кои тие градоначалници четири години буквално не одговараат пред никој“ вели тој.
И прави споредба со Советите на општините.
„За разлика од нив, на пример советниците, имате Совет кој од градоначалникот добил дупло повеќе гласови, значи ве претставуваат различни политички партии значи 30 илајди гласови и градоначалник со 15 илјади гласови. Советниците, најголемата небулоза во законот е тоа што ако на пример буџетот до 31 март не се изгласа за тековната година, Советот се распушта, а градоначалникот останува. Ако советник отсуствува од три седници, му престанува мандатот, ако не се состани Советот во рок од шест месеци, тогаш Советот се распушта. Градоначалникот може четири години да не дојде на седница на Советот“ вели тој.











