Синоќа, во Малата сала во Центарот за култура во Битола, се одржа промоција на првиот самостоен албум на Горан Таневски, под името „Асценд“ (Вознес), како дел од програмата на „Олабај на Фестивал музика од светот“ во рамките на проектот „Олабај“, на АРТАКТ Битола, чија цел е надополнување на фестивалските програми на дел од меѓународните фестивали во Битола и е поддржан од Министерство за култура на Македонија.
Промоцијата беше комбинација од прикажување на видео спотови, надополнета со вокална интерпретација во живо на одредени композиции. Промотор беше Илија Талев од Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ од Битола со која агенција беше издаден албумот.

На албумот се застапени девет композиции: „Сонце“, „Среќен ден“, „Среќен сум дури и без себе“, „Перун“, „Ascend”, „Essence Voyage”, „My Way”, „Wicked Rain“ и „Wish A Man“.
Сите видео спотови се дело на Мијалче Ставрев (Криминал Рекордс, Штип), освен видео спотот за песната „Асценд“, изработено од Светислав Подлешанов (Битола).
Како составен и неодвоив дел од неговата матична група Мизар, Горан учествува во создавањето на нивниот прв албум, едноставно наречен „Мизар“, во 1988 година, воедно и прв албум воопшто снимен на македонски јазик.

Во 1991 година ја напушта групата, за да се посвети на организирање на настани од културата како: изложби, промоции, концерти и слично.
Од друга страна, токму Битола е градот во кој е формирана групата Мизар во далечната 1984 година. Со тоа слоганот на овогодинешниот фестивал: „Една сцена, звук на светот“, добива вистинско значење.
После промоцијата на албумот во Битола, следат промоции во уште неколку градови во државата (на 1.12.2023 во Прилеп, потоа неколку промоции во Скопје итн.), Потоа следат промоции во Србија, Хрватска (14.12.2023) и Словенија (15.12.2023). Албумот ќе биде достапен на сите поголеми музички платформи за преслушување и симнување во издание на Менарт од Хрватска. Потоа ќе следи цд и винилно издание.“












