Завршено снимањето на краткометражниот филм „Мајка“ Снимањето на краткометражниот филм „Мајка“ во режија на Ѓорѓи Лазов е успешно завршено. Процесот се одвиваше четири дена на неколку локации во Скопје.

Филмот е семејна драма што преку комична и емотивна перспектива ја истражува комплексната врска помеѓу мајка и ќерка, со пресврт што се случува за време на Божиќните празници. Главните улоги ги толкуваат Наташа Петровиќ и Соња Михајлова, а во актерската екипа се вклучени и Слободанка Чичевска, Ивица Димитријевиќ и дебитантката Јована Синадиноски.

Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и ќе има премиера во 2025 година. Продукцијата ја води Александар Арсовски, со екипа составена од истакнати професионалци, меѓу кои Никола Марковски како директор на фотографија и Дејан Ѓошевски како сценограф.

„Снимањето на ‘Мајка’ беше неверојатно искуство, благодарение на посветената екипа и талентираните актери. Иако беше предизвикувачки да се заврши во краток временски рок, успеавме да ја доловиме емоцијата што ја посакувавме. Очекувам дека оваа приказна ќе допре до срцата на публиката и ќе предизвика емоции и размислувања за односите во едно семејство.“ – изјави режисерот, Ѓорѓи Лазов.
Режисерот Лазов кажа дека снимањето било интензивно, но успешно, нагласувајќи дека приказната ќе ја поттикне публиката на размислување за семејните односи.












