Согласно престојните процеси за Праведна транзиција во Битoлскиот и Пелагонискиот регион, потребно е соодветно вклучување и активно учество на сите засегнати страни и јавноста од регионите со јаглен во процесите на планирање и консултација, беше речено на денешниот форум во Битола.

Бидејќи овој процес се уште во поголема мерка е непознат во јавноста, а сепак се однесува на иднината на регионот и градот Битола, потребно е поблиско запознавање со процесот, како и со усвоениот патоказ за Праведна транзиција од страна на Владата.
За таа цел, Министерството за економија, општина Битола и невладината Еко Свест ги организираат Форумите, како форма за споделување на релевантни информации, прашања и одговори, споделувње на мислења и коментари од сите присутни учесници и формулирање на соодветни заклучоци и препораки кои понатаму ќе бидат споделени со соодветни работни групи на национално ниво и земени предвид во финалните предлог мерки за имплементација на Инвестицискиот план за Праведна транзиција за Пелагонискиот регион.
„Бидејќи државата треба да се усогласи со климатските цели кои што треба да ги постигнеме, односно климатските цели на Европската унија и на сите меѓународни договори кои што ги имаме ветено, поедноставено кажано вака, декарбонизација на секторот енергетика“ вели Елена Николовска, од невладината организаија Еко-свест од Скопје.

Граѓанската организација која во изминатите десетина-петнаесет години поинтензивно работи на секторот енергија и клима, денеска во Битола за да им помогне со информации и на Општина Битола за процесите кои што се случуват на централно ниво, процеси кои треба да се издигнат и од локално кон централно ниво за идниот развој на Општина Битола, како еден од регионите со јаглен во државата.
„Во зеленото сценарио нели се предвиде буквално напуштање на јагленот како застарена технологија и премин кон обновливи избори, меѓутоа ова е постепен процес кој што треба да се случува повеќе години, а не од денеска за утре и ова е процес кој досега се одвиваше од централно ниво на локално, односно одлуките се носат на централно ниво, таму се договараат финансиите нели за процесите, меѓутоа она што за нас е важно како граѓански сектор е да го симнеме процесот, да се случува од локално ниво, односно од локалните заедници да дојдат ставовите, мислењата за развојот на овој регион, бидејќи кој подобро знае како треба да се развива Пелагонискиот регион од луѓето што живеат тука и тие одлуки да се пренесат, односно општината е тука преку овие форуми да ги пренесе на централно ниво, односно до министерството за економија и понатаму до Владата“ вели Николовска.

Со стратегијата за енергетика која се донесе во 2019 година се направи патот кон премин кон обновливи извори на енергија.
„Дискусијата која кај нас цело време се води е дека ова е некој обновлив ресурс, лигнитот кој што засекогаш ќе го имаме. Знаеме дека тоа не е вистина, бидејќи се што е суровина, што се копа и доаѓа од земјата, некогаш ќе го снема, знаете и вие тука живеете подолги години, тоа е необновлив ресурс, валкан ресурс, кој кажавте свесни сте дека влијае на здравјето на луѓето, влијае на животната средина“ рече таа.
За градоначалникот на Битола процесот на праведна траннзиција треба да се гледа низ повеќе апспекти, прво тука како што рече, вработените се од општините Битола, Новаци и Могила, а потоа и начинот на кој што ќе биде спроведена декарбонизацијата, односно функционирањето на трите блока на РЕК Битола.

„Засега извесно или она што го заеме е дека еден од блоковите ќе биде заменет со фотоволтаици, а се планира изградба на четврт блок кој ќе работи на гас. Работата на останатите два блока на РЕК Битола би требало или ќе треба да значи процес на работа на топлификацијата која еве се интензивира неколку месеци на назад и со која треба да бидат поврзани 35 јавни објекти, општински објекти. Со заедничка и блиска соработка која што ја очекувам веќе во најскоро време помеѓу локалната и централната власт, можеме да гарантираме економска безбедност на нашите граѓани што всушноист е основен предуслов за квалитетно живење во нашата општина“ рече градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Што се однесува до општината таа работи на проекти за подобрување на енергетската ефикасност, како и на подобар воздух и живота средина.
Тој зборуваше и за субвенциите кои општината ги даваше кон домаќинствата за енергетски ефикасни згради, за поставувањето на фотоволтации во училишта во градот и приградските населби.
„Нашата стратегија е што повеќе да направиме општината, односно јавните општински објекти да бидат енергетски ефикасни, а во исто време да се намали и потрошувачката на електрична енергија. Тоа би бил нашиот скромен придонес во границите на можностите на локалната самоуправа“ рече тој.
Коњановски во своето обраќање забележа дека во изминатиот период од страна на централната власт тие како општина не добиле информации за овој процес на праведна транзија.
На денешниот форум присуствуваа преставници од РЕК Битола, градоначалникот на Новаци, граѓански организации и советници од Советот на Општина Битола, претставици на БАС Академијата, Регионалната стопанска комора и други.












