Викендов, Битола повторно ќе биде центар на балканската кошарка. Традиционално по единаесетти пат, кошаркарскиот клуб Младост и Општина Битола ќе го организираат меѓународниот Велигденски кошаркарски турнир „Битола 2023“ со учество на преку триста натпреварувачи.
Денес и утре натпреварите започнуваат од 9:00 часот наутро во спортската сала „Боро Чурлевски“ и спортските сали на Медицинското и на Економското училиште. Ќе учествуваат шест екипи во две младински категории: девојчиња родени 2008/09 и момчиња родени 2012/13 исклучиво од Македонија (Битола, Прилеп, Кавадарци и Охрид) и дури дванаесет екипи кај ветераните 50+: Хрватска (Опатија, Загреб и Задар), Србија (Белград и Лесковац), Албанија (Корча), репрезентација на ветерани Косово, како и домашните екипи (Пелистер, Кавадарци, Велес, Штип и Струмица).
„И годинава го задржуваме континуитетот во одржувањето на овој традиционален меѓународен турнир. Благодарност до Општина Битола за максималната помош во реализацијата на овој турнир. Очекувам квалитетни натпревари во младинска категорија, но и кај ветераните, бидејќи има учесници кои редовно тренираат и учествуваат на турнири за ветерани ширум Европа“, изјави Горјан Стојановски, претседател на Организациониот одбор.
Свеченото отворање е попладнево во 18:00 часот во спортската сала на Медицинското училиште, а веднаш потоа и дербито кај ветераните помеѓу Пелистер и репрезентацијата на Косово.
Најмладите членови на кошаркарскиот клуб Младост (родени 2014 година и помлади) ќе одиграат ревијален натпревар во 17:00 часот, пред самото отворање на турнирот. Утре во 14 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе имаат натпревар во кошаркарски вештини. Исто така, ревијален натпревар ќе одиграат и ветеранките на Битола и Скопје.
Финалните натпревари се закажани за в сабота после 13:00 часот, кога ќе бидат доделени и наградите за најдобрите, пехари и медали.












