Нелегална, недозволива и провокативна, ја карактеризира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, одлуката на птретседателката Силјановска-Давкова да го користи името Македонија за време на нејзината инаугурација и паралелно ја повика новата претседателка „да се врати на законските должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога“, но и порача дека „секој чекор на Скопје кон Европа“, меѓу другото, зависи и од употребата на уставното име, јави дописничката на МИА од Атина.
Во опширниот пост на Фејсбук објавен рано утрово, Мицотакис потсетува на позициите на Нова демократија додека беше опозиција, истакнува дека Грција не прифаќа вакви пропусти и посочи дека името, избегнувањето провокации и почитувањето на Договорот од Преспа се клучни и за напредокот на билатералните односи и за ЕУ перспективата на земјата.
-Провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин кој го прекршува Договорот од Преспа и самиот устав на нејзината држава. Но и поткопување на иднината на државата, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, напиша грчкиот премиер.
Претходно грчкото министерството за надворешни работи соопшти дека билатералните односи со соседната земја и нејзиниот европски пат зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција за инаугурацијата на Гордана Силјановска Давкова и употребата на името „Македонија“ и посочија дека оваа постапка претставува прекршување и на договорот и на Уставот, јави дописничката на МИА од Атина.
Вчера грчката амбасадорка Софија Филипиду, која ја следеше седницата на Собранието за инаугурација на Гордана Сиљановска-Давкова за претседателка на државата, ја напушти пленарната сала, во знак на протест поради тоа што Сиљановска-Давкова, при давањето свечена заклетва, не го употреби уставното име на земјава – Република Северна Македонија, туку користеше Македонија.











