Директорката на „Стрежево“ со вработени од претпријатието вчера одржале средби со жителите на селата Логоварди и Поешево, во рамките на сите активности што ги преземаат за што подобра сезона на наводнување на земјоделските површини.

„Одржуваме неколкудневни средби со жителите на селата кои што се опфатени со хидро -системот Стрежево, во рамките на сите активности што ги преземаме за што подобра сезона за наводнување на земјоделските површини, за сите предизвици со кои се среќаваат нашите корисници во делот на наводнувањето и за оперативност во однос на рационалното искористување на водата“ вели директорката Вера Бешлиевска.

Таа истакнува дека во разговорите со земјоделците ја разгледуваат од сите страни меѓусебната соработка, а тоа значи максимална ефикаснот на претпријатието и максимална рационалност од нивна страна во користењето на водата.
„Ние, на овој начин ја продолжуваме двостраната соработка и постојано ќе вложуваме во партнерскиот однос со земјоделците. Прашањата на кои се задржуваме на средбите, а воедно се и директни барања од страна на земјоделците се: поголема контрола на терен, заради појавата на кражба на вода, построги мерки во однос на прекршителите и побрза реакција во процесите на санација на дефектите. Исто така, како две партнерски страни сме согласни, дека приоритет е правилно користење на хидро – системот, што е најважна превенција од евентуални дефекти и штети, покрај рационалното користење на водата – онаму каде што е потребна“ додава таа.

Вкупно, до крајот на сезоната за зафаќање на вода, зафатиле 73 милиони метри кубни, ова искуствено од минатите години според пријавените површини и култури, може да смета дека ќе обезбеди успешна сезона за наводнување.
Оваа година, сезоната ја започнуваат на 15 јуни и ќе се пристапи кон склучување договори со корисниците. До кога ќе трае сезоната, зависи од временските услови и од тоа колку рационално водата ќе ја користат земјоделците.

Бешлиевска вели дека ЈП „Стрежево“ во оваа сезона влегува подготвено и очекува максимално партнерски и совесен однос од земјоделците – водокорисници.
И додаваат дека ваквите средби по другите населени места и непосредната соработка со земјоделците продолжуваат интензивно во периодот што претстои.












