Ракометната репрезентација на Македонија во второто коло на Европското првенство го доживеа и вториот пораз.
Вечерва загубивме од домашната селекција на Германија со 34-25. Македонија не успеа да парира ниту на вториот силен противник во нашата група, селекцијата на Германија.
Момците на Кирил Лазаров не се издигнаа над своите можности и со вториот пораз и теоретски ги загубивме шансите за пласман понатаму.
Германија уште на стартот почна со силно темпо, поведоа со 5-2, но ние вративме со два гола во серија и дојдовме на еден негатива. Но, доближувањето на резултатот беше само предупредување за Германците кои брзо се одлепија, дојдоа и до седум гола разлика 16-9, на одморот се замина со 18-13 за нив.
Второто полувреме почна со апсолутна доминација на Германците, кои за неколку минути стигнаа до убедливи +8. Кон средината на вториот дел не реализиравме пенал преку Никола Костески, а казната стигна со седмерецот на Кнор на десет минути до крајот, за прва двоцифрена предност на противникот (31-21). Во последните десетина минути се играше опуштено и домаќинот дојде со победа од 34-25.
Најефикасен во нашата селекција беше Ненад Костески со шест голови, Пешевски и Јагуриновски постигнаа по четири, а Митев реализираше трипати.
Незапирлив во составот на Германија беше Јури Кнор кој постигна 10 голови.
Следниот натпревар на Македонија е во вторник од 18:00 часот против Швајцарија. Само со победа на овој дуел ќе го избегнеме последното место во групата.












